Екранизам – како екраните влијаат врз развојот на децата?

Милениумците се прва генерација во историјата на човештвото која го помина детството пред телевизиските екрани, а подоцна и пред компјутерите. Во осумдесетите и деведесетите години не се говорело многу за штетното влијание на времето поминато пред екраните. Но од тогаш ситуацијата е многу променета. Животната динамика е поинаква, а мобилнната технологија е дел од секој миг на живеењето. Децата често се со мобилните уреди во рака, често слушаме како некои родители велат дека нивните деца не јадат доколку немаат мобилен пред нив. Во последниве години дефектолозите забележуваат голем број деца кои заостануваат со говорот, некои тешко го учат мајчиниот јазик, сето тоа проследено со недостаток на концентрација или хиперактивност. Како се справуваме со овие предизвици како родители, но и како општетство?  Се прашувам дали децата низ развојот се препуштени да бидат воспитувани и водени од екраните и содржините кои им се нудат?

Во потрага по одговори на овие прашања го сретнав терминот екранизам. Екранизам е термин со кој во психологијата се означува негативното влијание на екраните врз мозокот на детето и зависностите кои може да се јават при неумерено користење на технологиите во детската возраст. Технологија неминовно е дел од животите на денешните деца, таа ги следи уште од првите денови на животот, па затоа ме интересира какво влијание имаат екраните врз раниот детски развој на децата?