Во оваа моја прва објава на блогот сакам да споделам со вас дел од моето искуство во врска со читањето и развојот на говорот кај малите деца. Уште од самото раѓање на мојот син, почнав да се интересирам на кој начин можам да придонесам за развој на говорот кај моето бебе. Знаев дека треба многу да им зборуваме на бебињата, но она што не го знаев до тогаш беа советите кои велеа дека е добро да им читаме на малите бебиња и дека во тој период може да им читаме било што, не само литература за деца (зошто тие во суштина не разбираат, а целта е да го слушаат говорот и јазикот). Во овој постпартум период започнав да ја читам „Човек без својства“ од Роберт Музил. Започнав да му ја читам на моето тримесечно бебе, а мојот сопруг беше фрапиран како може да му читам толку „тешка“ книга на толку мало бебе! Нормално, читањето на глас траеше максимум пет минути, но забележував дека почнува да реагира на моето читање, а понекогаш и да гуга. Тогаш ги купив првите меки книги со слики, а ми се најдоа и некои стари сликовници од мое време. Почнав да му ги читам сликовниците, а илустрациите го поттикнуваа да почне да ги разгледува сам. Секако вниманието варира, и не секогаш може да ја дослуша сликовницата до крај, но со разни варијации на содржината и интересни звуци може да се задржи вниманието.
Син ми сега има 20 месеци, а читањето сликовници му е прва и најомилена активност која сака да ја прави со нас. Задоволна сум од развојот на говорот во овој период, и сметам дека тоа е благодарение на читањето. Се уште не поминува време пред екрани, а кога ќе започне да го интересираат, тоа ќе биде ограничено и контролирано. Целта на оваа објава е да ве поттикнам да им читате на вашите деца и да ви помогнам околу изборот на сликовници на македонски јазик.