Ѕверче од бои – како да ги учиме најмалите за емоциите

Сликовницата „Ѕверче од бои“ од Ана Лјенас е книга наменета за деца на возраст над 3 години, но јас започнав да му ја читам на мојот син уште од 18 месечна возраст, и воопшто не згрешив зошто во овој период оваа сликовница му е една од најомилените. Случајно ја пронајдов, а ме привлече тоа што преку содржината на оваа книга малите деца ги учат емоциите.

Ѕверчето од бои не знае што му се случува. Направило карамбол со емоциите и сега треба да ја расправи мешаницата. Ќе умее ли да ја стокми радоста, тагата, лутината, стравот и спокојот?

Секоја емоција има своја боја: радоста е жолта, тагата е сина, лутината е црвена, стравот е црн, а спокојот е зелен. Ова е одлична идеја, зошто детето има можност да ги распознае и запомни емоциите кои на овој начин добиваат помалку апстрактна форма. Така, се запознаваме со Ѕверчето од „бои“. Тоа едно утро се буди многу збунето и со „измешани бои“. Се појавува и другиот лик, девојчето, кое ќе му помогне на Ѕверчето да открие дека всушност неговите емоции се измешани, и дека секоја од нив треба да ја стави во посебна тегличка… Девојчето не’ води низ емоциите, и ни објаснува како се чувствуваме кога сме радосни, тажни, уплашени или спокојни. Илустрациите се едноставни и се направени во детски стил, како што би ги нацртало некое детенце, со што детето уште повеќе ја чувствува блиска содржината на книгата.

Учењето на емоциите започнува уште од најмала возраст. Надминати се сфаќањата кои велат дека емоциите не прават слаби и треба да ги поттиснеме. Веќе подолго време знаеме дека емоционалната интелигенција има клучна улога во градењето на личноста и нејзиното нормално функционирање во светот. Токму затоа, не чекајте да зборувате за емоциите со вашите дечиња. Тоа може да го правите на различни начини, со разговор, со именување на одредени емоции кога детето ќе ги почувствува и ќе ги искаже, со игра, со флеш картички… А во секој случај и читањето на оваа книга може да ви помогне во тоа. Додека ја читате имате приилика да разговарате со вашето дете и на интересен начин да му ги претставите емоциите. На тој начин тоа ќе знае да ги препознае кај себе си и да ги прифати како дел од себе си.