Со популарните Стела и Сани се сретнавме уште пред една година и веднаш се запознавме сите делови од серијалот сликовници за дечиња до 4 годишна возраст. „А зошто?“ е дел од оваа едиција. Низ целата сликовница се провлекува прашањето „А зошто?“.

Како и претходната сликовница за која пишував и оваа е во форма на дијалог, но овој пат дијалогот е меѓу авторот и читателот (детето). На почетокот на сликовницата дознаваме каде живеат Сани и Стела и веднаш се поставува прашањето „А зошто?“. Тука започнува забавната авантура на прашања и невообичаени одговори и дознаваме зошто Стела и Сани сакаат ноќе во дворот да го гледаат ѕвезденото небо и низа други одговори кои произлегуваат понатаму. Одговорите кои ги добиваме се толку едноставни, но во суштина длабоки, такви какви што би ги кажало и некое дете.

Мојот син многу ја сака оваа сликовница. Иако тој на оваа возраст се уште не ја сфаќа суштината на прашањето зошто, тој по пат на имитација успева да се пронајде во прашањето и секогаш повторува „А како?“ покажувајќи чудење со рачињата. Во секојдневието забележувам дека почнува да ја користи истата реакција прашувајќи се „А како?“ и тоа е многу симпатично. Секако дека сега е рано да говориме за критичко размислување, но верувам дека сликовницата и понатаму ќе има големо влијание во таа насока. Содржината нуди можносост за понатамошен разговор – може да зборуваме за небото, ѕвездите, за разликата меѓу денот и ноќта, за пријателството… Навидум едноставна, сликовницата изобилува со инспирација за разговор и поттик за критичко размислување уште од најмала возраст.