Сликовници за запознавање со годишните времиња

По подолго време повторно сакам да споделам со вас препорака за една (според мене) добра и едукативна сликовница за деца од предучилишна возраст. Не се работи за ново издание, па затоа претпоставувам дека оние кои не се нови во родителството можеби и веќе ја имаат. Имено се работи за сликовницата „Лето“ од серијалот „Годишни времиња“ во издание на Детска радост.

Од самите почетоци на моето подлабоко запознавање со Монтесори методот, во потрага сум по сликовници со содржина која овозможува учење на нешта од реалниот и практичниот живот. За жал, ваков тип на сликовници на македонски јазик се ретки, па се обидувам да направам некаков компромис и да пронајдам нешто што е поучно и поврзано со секојдневниот живот и во сликовниците кои се нудат кај нас. Токму затоа оваа сликовница многу ми се допаѓа. Запознавањето со годишните времиња сметам дека треба да биде дел од оние први нешта кои им ,ги објаснуваме на нашите деца. Малите деца многу се интересираат за природата, за она што се случува околу нив, промената на денот и ноќта, за сонцето и дождот, зелените или пак жолтите лисја на дрвјата… Убаво е да се следи природниот циклус и децата да чувствуваат дека се дел од него. Оваа сликовница на едноставен и интерактивен начин ја има таа функција. Проследена е со убави илустрации, а на крајот се наоѓаат и неколку практични (летни) активности кои можете да ги правите заедно со вашето дете, а доколку детето е поголемо активностите може да бидат одличен летен предизвик.

Себастијан е фасциниран од оваа сликовница, го поттикнува да ги забележува сите промени кои се случуваат со доаѓањето на летото, а со нетрпение чека да ги изработуваме активностите. Искористете ги овие летни денови за квалитетно време со вашите најмали!