Полжавот и китот – приказна за алтруизмот и храброста да се биде поинаков

„Полжавот и китот“ од Џулија Доналдсон и Аксел Шефлер е сликовница која ја читаме долго време. Се сеќавам Себастијан имаше околу две години и слободно си разгледуваше во една кинижарница во нашиот град. Си ја зема оваа сликовница и рече дека токму таа ја сака. Претпоставувам корицата го привлече – убава живописна илустрација на китот и полжавот кои се главните ликови во приказната.

„За полжавче приказна е ова вредна и за голем сивосин кит со грпка една. Ова е карпа темна како кал, а место не го држи овој полжав мал. Морскиот полжав се влечеше по карпата де долу де горе и зјапаше кон бродовите на пристаништето, кон ширното море. И додека си зјапаше, шмркна и воздивна еднаш: ‘Колку копнеам да пловам веднаш. Морето е длабоко, а светот широко место.’ – кажуваше полжавчето често.“

Оваа желба на полжавот нема да се оствари лесно. Останатите полжави од неговото јато не му дозволуваат да замине. Но полжавот е упорен и со својата белузлава трага на една карпа пишува оглас со кој бара превоз за пат околу светот. Големиот грбав кит ќе дојде и ќе го повика да се качи на опашката па така да пловат низ светот. Тука започнува нивната авантура, тие заедно патуваат низ прекрасни, а понекогаш и застрашувачки предели, тогаш полжавчето сфаќа колку е мало. Еден ден морето ќе ги донесе до заливот каде китот ќе се заринка во песокот. Тогаш полжавчето презема акција за да се спаси китот… На кој начин тој ќе го направи тоа иако е навистина мал? Крајот на приказната ќе оставам да го откриете заедно со вашето дете 🙂

Приказната за полжавот и китот скоро две години расте заедно со Себастијан. Почнав да ја раскажувам со поедноставни зборови, покажувајќи ги илустрациите. Но како што концентрацијата и вокабуларот на син ми се развиваа, така успеавме да ја читаме во својата автентична форма. Напишана е со убава рима која дава динамика и простор за интерпретации, а илустрациите се живописни. На прв поглед она на што не’ учи „Полжавот и китот“ е храброста да се биде поинаков и упорноста во остварување на сонот. Но најважната поука која можеме да ја извлечеме од приказната е онаа за алтруизмот – за тоа дека дури и кога си мал и можеби безначаен, може да направиш нешто за другиот, што за него може да биде нешто многу важно. Сметам дека на оваа возраст е најдобро да се започне со говорење токму за оваа тема.
Сликовницата е во издание на „Елоквента“.