Не плашете се книгите да им бидат достапни на децата

Децата се многу љубопитни и секој контакт со нешто ново за нив е суштинско откритие. Затоа сакаат се’ да допрат, да отворат, да почувствуваат одблизу… Но тие исто така се и невнимателни зошто уште ја немаат развиено моториката. Со право често знаеме да ги спречуваме во нивните истражувања- најпрво од безбедносни причини, но и затоа што не сакаме да ни ги уништат предметите во домот. За да стекнат самостојност, а и за да не им го ускратиме просторот за истражување обезбедуваме безбедна средина во домот каде детето ќе може слободно да си игра и да ги истражува предметите.

Зошто во домот да има библиотечно катче за детето?

Детето ќе ја има слободата да ги прелистува сликовниците кога ќе покаже интерес за тоа, да ги гледа сликите и текстот, одблизу да ги забележува деталите. Со прстињата ќе може да ја почувствува текстурата и хартијата. За помалите деца, ова е одлична можност за вежбање на фина моторика. Читачкото катче му нуди безбеден простор каде детето ќе се чувствува удобно и по бурната игра ќе може да се смири и да прави тивка активност. Тука може да биде и местото каде секој ден ќе му читате на детето.

Како да го организираме овој простор?

Не се потребни скапи полици и фотелји како некои кои ги гледаме на Инстаграм. Креирајте го просторот според сопствени можности и вкус. – важно е да биде безбедно и книгите да бидат лесно достапни за дето. Убаво е да има мека перница или подлога каде ќе му биде пријатно да седи и да разгледува. Изборот на сликовници ќе го направите вие, во согласност со интересот на детето. Убаво е сликовниците чсто да се ротираат, односно да се менуваат. Некои да бидат достапни на детето одредено време, а другите да „мируваат“. На тој начин ќе избегнете детето да го изгуби интересот за сликовниците. И за жал, ќе се случи некоја страница да биде скината. Но тоа е дел од одгледувањето деца. Затоа одберете некои книги и сликовици кои сметате дека треба да бидат сочувани, тие ставете ги надвор од дофатот на децата. Зборувајте им, покажувајте им како треба да се ракуваат сликовниците, и така полека тие ќе научат дека книгите се нешто што не се уништува.