Во овој балон нема место за еден слон – весела сликовница за најмалите

Сликовницата „Во овој балон нема место за еден слон“ од Бистра Георгиева и Катерина Николовска е дел од едицијата за најмалите на Стела и Сани. Овие мали сликовнички ни беа хит пред 2-3 години, но сега повторно им се навраќам со моето второ детенце. Во оваа фаза (Карина има 11 месеци) обожава да си ги разгледува малите сликовнички со дебели корици и да ми покажува на сликите, додека јас и ги именувам животните и предметите. Но се обидувам да и воведам и нешто малку „посериозно“ па ја одбрав оваа сликовница, имајќи го искуството со син ми кој на една година ја обожуваше оваа сликовница.

„Стела и Сани најдоа балон бел и го исцртаа шарен цел. Тогаш се направи голем ред на еден долг велосипед.“ На велосипедот доаѓаат животните, влегуваат во балонот, меѓу нив е и слонот – но дали за него ќе има место? Приказната е напишана со убава рима, а тоа што во неа има многу животни е навистина полн погодок за оваа возраст. Може да стане една од омилените сликовници на вашето дете. А заради невообичаената и смешна приказна мене воопшто не ми здосадува да им ја читам оваа сликовница на децата. Изобилува со убави и живописни илустрации кои го привлекуваат вниманието на детето. Единствена маана е што е издадена со тенки корици, и доколку ја читате на мало дете/бебе може лесно да биде скината 🙂

„Во овој балон нема место за еден слон“ е во издание на „Паблишер“.