Паметните телефони и таблетите на децата им се даваат во секојдневни ситуации кога сакаме да им го оттргнеме вниманието, да бидат мирни, да не зборуваат, да не им биде досадно.
Најчесто тоа се следните ситуации
- Во ресторан
- Додека чекаме ред во маркет или амубланта
- Во автомобил
- На средби со пријатели каде детето нема со кого да си игра
- Во ситуации кога родителот/згрижувачот има потреба од одмор или не може да се справи со однесувањето на детето
Ние возрасните најдобро знаеме како екраните може да не’ „исклучат“ од реалноста и секојдневието. Психолозите велат дека листаме низ социјалните мрежи во моменти кога ни е досадно, кога се чувствуваме осамени и тажни. Но свесни сме кога ќе претераме и знеме дека тоа не е добро. Децата се’ уште не го знаат тоа. Ние сме тие кои треба да ги научиме и водиме на тој пат.
Веднаш штом мобилниот ќе му го дадеме в рака, детето како да не се наоѓа во просторијата, фокусот е целосно насочен на видето кое му е пуштено. Можеби на прв поглед тоа и го посакуваме.
Но дали навистина тоа му е потребно на детето?
Доколку во секојдневните ситуации на детето постојано му се нуди екранот, тоа ќе биде ускратено од целосно искусување на мигот. Се ускратуваат приликите да учи и да развива вештини за справување со проблемите. На детето му е потребна досадата. Потребно е да има прилики каде ќе треба да разговара со други возрасни луѓе, да научи како е да се чека ред, како треба да се биде тивок и да се однесува учтиво.
Иако овие ситуации може да ни претставуваат предизвик нам, избегнувајте ги екраните како решение. Наоружајте се со многу трпение и разбирање за детето, зошто без екранот пред себе може да научи суштински нешта за животот.