„Тигар на улица“ – интерактивна приказна за булингот и храброста

📚Денес ќе ви предложам една сликовница која е единствена од овој тип во нашата детска библиотека. „Тигар на улица“ од Билјана С. Црвенковска, илустрации на Катерина Николовска е приказна инспирирана од познатата песна „Тигар на улуца“ од Данил Хармс, руски поет, писател и драматург.

🐅 Зошто оваа сликовница не е како останатите? Има многу малку текст и целата приказна е раскажана со илустрации проследена со интерактивни насоки за децата. Приказната е за едно девојче кое е прогонувано од група деца кои му се исмеваат. Таа е уплашена и бега по улицата, треба да се засолни некаде. Интересно е што децата имаат можност да му „помогнат“ на девојчето со насоки кои се дадени во сликовницата, па така детето има чувство дека е дел од некаква игра. Одеднаш на улицата излегува еден тигар. Повторно читателот добива интерактивни насоки како да се однесува со тигарот. Девојчето се запознава со тигарот, заедно со него рика и така бандата која ја прогонуваше се плаши и бега. Но од каде тигар на улицата? Преку стиховите на Данил Хармс доаѓаме до длабоката поука која допира до детските срца.

❤️Кога ја купивме оваа сликовница мојот син не зборуваше, па јас му ја раскажував приказната. Сега, тој самиот се обидува да ја раскаже приказната, а јас само го поттикнувам и водам низ неа.

🔍Освен развој на говорот и поттик за раскажување приказна, оваа сликовница јасно им говори на децата за проблемот на врсничкото насилство. Преку интерактивноста, детето се става во улога на жртвата и се соживува со негативните емоции кои се јавуваат при булинг, но со појавувањето на тигарот добива порака за пронаоѓање на храброста во себе.

Сликовницата е во издание на @chudnashuma