Доколку и вие имате три или четири годишник, сигурно ви е добро позната развојната фаза во која најкористен збор е „не сакам“, „не“ и „нејќам“. Детските психолози велат дека ова е нормална фаза од развојот на малите деца, период кога тие се подготвуваат за индивидуализација, почнуваат да ги вежбаат сопствените мисли и чувства, кои ќе ги подготват да градат сопствени ставови. Но, н е едноставно, нели? 😄
📖 Приказ на едно вакво однесување имаме во сликовницата „Сакам – нејќам“ од Оливера Николова. Се израдував кога видов дека авторка на оваа сликовница е нашата реномирана писателка за деца и возрасни Оливера Николова, најпозната по книгата за деца „Зоки Поки.
📚 Ова е приказна за двете близначиња Гоце и Даме ( со прекарот Нејќам). Тој си го добил овој прекар токму заради неговото „не“ на се’ што ќе биде побарано од него. Преку забавни примери од секојдневието на предучилишните деца, се запознаваме со тоа како изгледа оваа фаза и со кои предизвици се соочуваат родителите, воспитувачите и другарчињата. На кој начин Гоце ќе му помогне на своето братче да ја надмине оваа фаза, останува да дознаете сами 🙂
Одлична приказна во која ќе се пронајдат сите дечиња кои го сакаат зборчето „не“.
„Сакам – нејќам“ е издадена во далечната 1987 година, а реиздадена од Либи во 2020 со илустрации на Наташа Антонијевиќ.