Често слушам дека некои деца не се заинтересирани за сликовници, дека немаат фокус и интерес за да слушаат некој да им чита приказни. Причините за тоа може да бидат повеќе, но најважно е да знаеме дека во раната возраст ние сме тие кои можеме да ја создадеме навиката и да го поттикнеме љубопитството за пишаниот збор.
- Читањето со детето нека стане дел од секојдневна семејна рутина. Најчесто читањето со децата е дел од рутината за заспивање и тоа е одлично затоа што создава момент на поврзување меѓу родителот и детето и му помага на детето полесно да заспие. Но од лично искуство, сметам дека е добро да се вметне и во другите делови од денот – наутро, попладне после градинка, кога детето нема многу фокус за други активности и му треба одмор.
- Бирајте сликовници со квалитетна содржина и естетски илустаци. За читањето да му биде привлечно на детето, но и вам, одбирајте сликовници кои: – се јасно и убаво напишани (преведени) – содржат естетски илустрации – имаат едукативна цел или поука која ќе ве поттикне на понатамошен разговор и истражување.
- Раководете се според интересите на детето и развојната фаза во која се наоѓа. Не секогаш возраста која е назначена на сликовниците (доколку ја има) кореспондира со индивидуалниот развој на вашето дете. Некогаш тоа може да биде причината зошто детето не покажува интерес да му читате. Доколку детето има поразвиен интерес за сликовници и има фокус да следи подолги приказни, сметам дека може да му се читаат сликовници/книги со подолга содржина.
- Читајте со интерес, бидете присутни и обидете се да го драматизирате текстот. Ова навистина многу ќе им се допадне на малите деца. Начинот на кој вие ќе му пристапите на читањето, вашиот интерес за сликовницата, може да биде она што ќе го привлече или одбие детето од читањето.