„Во моето меше живее некое животинче“ – духовита приказна за најмалите
По неколкудневниот одмор, деновиве бевме во потрага по нова сликовница со невообичаена приказна. Секогаш ми е возбудливо да пребарувам низ полиците на книжарниците, но морам да признаам дека кога одам со двете деца создаваме мал хаос околу нас 😊 Додека јас истражувам, С. и К. си истражуваат на најниските полици, па често знаат да направат неред кој потоа секако си го средуваме. Но, ете и во тој хаос има некаква убавина…
📚Во оваа наша потрага, со Себастијан ја одбравме “Во моето меше живее некое животинче” од полскиот автор Гжегож Касдепке во издание на @begemot.mk.
Во моето меше живее некое животинче? Какво животинче? Како може да живее животинче во нечие стомаче? 🙂 Веднаш штом ја купивме сликовницата, следеа безброј прашања, и едвај чекавме да ја прочитаме и да откриеме…
Едно девојче е уверено дека во нејзиното стомаче живее некое животинче. Таа оди кај мајка и’, кај татко и’, кај брат и’, ги прашува дали можат да го слушнат, но тие не ја сфаќаат сериозно… Нејзината дилема продолжува, какво е тоа животинче, кога спие, што јаде? Нејзината приказна продолжува и во градинката каде само едно другарче ќе и поверува. Но дали таа на крајот ќе сфати дека всушност тоа животинче е нејзиниот раскркорен стомак?
💡”Во моето меше живее некое животинче” е духовита приказна за предучилишна возраст, би ја ставила во категорија за оние дечиња кои веќе имаат развиено фокус и интерес за подолги приказни.