„Оваа сликовница мора да ја земеме!“, додека бевме во библиотека Себастијан ја зема во рака и со насмевка на лицето ми кажа дека редовно ја читаат во градинка и дека е многу смешна.
И така некако се случи и јас да се запознаам со „Јарињата Брусе одат на базен“ од Бјорн Ф. Рорбик (издание на @artkonekt). 🙂
🔍Невообичаената комбинација на традиционална бајка и современи елементи блиски до денешните деца, ме поттикна да истражам малку повеќе за оваа сликовница. Имено, приказната за јарињата Брусе е инспирирана од De tre bukkene Bruse, норвешка бајка запишана од Peter Christen Asbjørnsen и Jørgen Moе, објавена кон крајот на 19 век.
„Јарињата Брусе одат на базен“ е прва книга од серијалот, издадена во 2009 година, а заради големата популарност и продаваност станува најпродаваната сликовница во Норвешка. Во 2023 излегува и анимиран филм.
📚Читањето на „Јарињата Брусе одат на базен“ е доста динамично, забавно, игриво… Илустрациите се во детски стил, и има навистина многу детали, што помага во динамичноста и зголемувањето на интересот кај децата.
Приказната е долга, но затоа што е динамична, може лесно да се задржи вниманието, па така мојата 18 месечна ќерка и 4 годишен син со целосно внимание ја впиваат приказната.
Вториот дел од серијалот, „Јарињата Брусе одат на училиште“ е преведен на македонски од истата издавачка куќа.