„Графало“- безвременски класик за деца

Интересно е кога ќе се случи спонтано и постепено да откривам дела на некој автор чијшто стил или начин на размислување ми се допаѓа. Такво беше и моето запознавање со авторката Џулија Доналдсон. Нашето патување низ приказните на Доналдсон започна со приказната за „Полжавот и китот“, сликовница која со уживање ја читавме веќе две години. Тогаш немав информација дека оваа авторка (во соработка со истиот илустратор) ја имаат создадено популарната сликовница „Графало“. „Графало“ за прв пат била објавена во Англија во 1999, кај нас е објавена во 2015 год. од страна на Јазичниот центар „Елоквента“. Се разбира веднаш штом дознав за ова и „Графало“ дојде на ред да се чита.

„Графало“ е духовита приказна за едно глувче кое шетајќи низ густата темна гора ги среќава лисицата, бувот и змијата, кои преставуваат опасност за него. Но глувчето е храбро, застанува пред нив и на многу прониклив начин успева да ги надмудри. Животните кога ќе слушнат колку е страшен тој Графало исплашени бегаат, па така глувчето успева да се спаси, но чекорејќи низ шумата пред него се појавува вистински Графало. Дали глувчето ќе успее да го надмудри и Графало, дали неговата итрина и храброст повторно ќе победат?

Не случајно сликовниците на Доналдсон важат за едни од најдобрите сликовници за читање наглас. Ја препорачувам уште од најмала возраст, затоа што е лесна, едноставна за слушање, динамична и има убави реалистични ислустрации кои може да го надополнат учењето на нови зборчиња и поими кај малите деца.

Издадено е и продолжение на оваа сликовница со наслов „Детето на Графало“ која е подеднакво интересна како и првиот дел.