„Какво е времето таму горе?“ од Леона Стојковска е сликовница која последниве неколку дена ја читаме миниум по десетина пати на ден. Мојот дваесет месечен син е опседнат со оваа сликовница, дури бара да му ја читам неколку пати едно по друго, што за мене како читач и не е многу возбудлива идеја. Но… Зошто токму „Какво е времето таму горе?“

Пред неколку дена, во една скопска книжарница ја пронајдов сликовницата. Она што ме привлече да ја купам беше едноставната конверзација која се одвива меѓу двата лика – глушецот и жирафата. Проценив дека е соодветна за возраста, а со оглед на тоа дека син ми е во фаза во која има наплив на нови зборови и е во обид да спојува два слога, оваа содржина е полн погодок! Сликовницата е на македонски и германски јазик и е одличен повод за учење на нови зборови и секојдневна конверзација. Приказната е едноставна, глушецот сака да се спријатели со жирафата, поставува прашања за тоа како е да се биде „таму горе“, какво е времето, каков е воздухот и слично. Тој е многу љубопитен, a жирафата станува заморена од прашањата, но сепак продолжува да одговара на прашањата и така на крајот тие стануваат пријатели.

Оваа карактеристика на глушецот ме потсетува на љубопитноста и безбројните прашања кои малите деца постојано им ги упатуваат на родителите. Токму затоа малото дете може да се пронаде во содржината. Додека ја читаме сликовницата, мојот син возбудено ги очекува прашањата на глушецот и одговорите на жирафата, па така користам прилика да го поттикнам да ги повторува зборовите или пак самиот да се обиде да ги каже.
Интересен факт кој го сретнав за „Какво е времето таму горе?“ е дека авторката Леона Стојковска е единаесет годишно девојче. Илустратор е Јулијана Росоклија, а сликовницата е во издание на издавачка куќа „Чудна шума“.