За сликовницата „Сакам лав“

Сликовницата „Сакам лав“ од Амемари ван дер Еем и Марк Јансен се наоѓа на нашата листа најчитани сликовници изминатиов период. Во периодот околу Божик и Нова Година бев во потрага по сликовница која во својата содржина ќе биде поинаква од сите оние кои дотогаш ги имавме. Истражувајќи ги новите издавачки куќи, наидов на „Сказнувалка“ и таму го сретнав овој интересен наслов (тогаш ја открив и „Ѕверче од бои“). Според содржината претпоставив дека ќе му се допадне на син ми.

Едно утро Марио се разбуди. Дома беше тивко. Во суштина, беше здодевно. Одеднаш доби желба да има животно. Домашен миленик. Веднаш. Денес! Точно знаеше какво животно сака…
Арно ама, како да ја убеди мајка си?

Главен лик е Марио кој едно утро одеднаш добива желба да има лав. Но таа идеја не може лесно да ја реализира, затоа што мајка му се противи. Следува интересен и комичен дијалог меѓу Марио и мајка му, тој е упорен со своите невообичаени желби за домашен миленик, а мајка му упорна во тоа да не ги прифати неговите идеи. Но на крајот на сликовницата сепак ќе се согласат околу еден домашен миленик. А за кое животно се работи, ќе треба да откриете самите со вашето детенце 🙂

Хумористичниот дијалог меѓу Марио и мајка му е она што оваа сликовница ја прави посебна. Кога му ја читам на син ми се обидувам да ги имитирам звуците на животните, да ги глумам изразите на лицето на мајката, ентузијазмот на Марио… затоа и двајцата уживаме кога ја читаме оваа сликовница. Илустрациите и форматот на сликовницата се одлични за оваа возраст и откога ќе ја прочитаме, ги разгледуваме и зборуваме за животните. Уште една сликовница која ни нуди квалитетно време заедно, каде тој може многу да научи, но и да остане подалеку од екраните. 😉