„Девојче и мече“ – топла приказна проследена со прекрасни илустрации

Изминатите неколку недели нашата детска библиотека се исполни со уште неколку нови наслови од кои би сакала да издвојам неколку препораки. Но за нив ќе пишувам во следните објави. Оваа објава сакам да ја посветам на една од омилените сликовници од Ване Костуранов со наслов „Девојче и мече“. Уште пред да дојдам во контакт со неговите сликовници, делата на Ване Костуранов ми оставаа посебен впечаток поради топлината и човечноста со која зрачат.

„Девојче и мече“ е токму една таква приказна – едноставна, топла, сонувачка. Приказна која говори за она прво и замислено пријателство кое децата го имаат со своите играчки. Девојчето и мечето се неразделни другарчиња, се’ прават заедно. Откривајќи го светот тие ги чувствуваат убавините на природата, ја откриваат волшебната моќ на книгите, заедно ги преболуваат првите настинки… Додека еден ден… Девојчето не пронајде други деца со кои ќе се спријатели и неминовно ќе сфати дека пораснало.

Сметам дека кусите реченици и едноставната приказна се погодни за оваа возраст, додека пак прекрасните илустрации влијаат детето да ја доживее на еден поинаков и целосен начин. Оваа сликовница, но и останатите со илустрации на Ване Костуранов се издвојуваат од повеќето сликовници на македонски јазик (особено оние наменети за најмала возраст) токму поради посебноста и естетиката на илустрациите, што сметам дека влијае врз понатамошното градење на чувство за естетика кај децата.