Раскажувањето приказни од самите почетоци на цивилизацијата било една од првите активности во семејствата. Кога повозрасните им раскажувале приказни на децата, тие им ја пренесувале културата, традицијата, вредностите и животните поуки.
Читањето со моето дете ни е омилена активност која посебно не поврзува. Тоа е време кое го имаме само за нас, кога тој чувствува максимално внимание, сигурност, ја има слободата да фантазира, да се смее, да се уплаши. А јас сум тука да започнам разговор, да ги споделиме мислите и чувствата.
Придобивките од читањето со децата се огромни, а за тоа постојат многу истражувања. Уште кај бебињата и малите деца може да се забележи позитивното влијание од читањето. Подоцна ова се одразува врз развојот на говорот и обемот на вокабуларот.