Во изминатиов период се зголеми бројот на сликовници и книги во нашата детска библиотека па не ми беше едноставно да изберам која од нив да ви ја препорачам. 😊 Често сакам да ги пронаоѓам оние сликовници кои не се наоѓаат на некое видливо место во книжараниците, па еве една од нив.
„Шапката на господинот Зингер“ во издание на Темплум, напишана од Кери Феган, а илустрации на познатиот Душан Петричиќ.
Ова е приказна која инспирира нови приказни. Лео го среќава мистериозниот господинот Зингер, а тој има една многу невообичаена шапка. Во таа шапка се кријат приказни, а една приказна открива Лео. Тој ја расплетува приказната за тажното богато момче. Приказната ќе го доведе и до нови пријателства кои повторно ќе инспирираат некого да создава приказни.
„Шапката на господинот Зингер“ е сликовница која може да им се чита на деца од предучилишна возраст, но секако може да биде погодна за училишни деца кои учат да читаат.
Доколку сакате преку приказна на интересен начин да го поттикнете детето да создаде своја приказна, оваа сликовница ќе ви помогне во тоа.
Илустрациите на Душан Петричиќ ме потсетија на некои сликовници од моето детство, за кои ќе се присетиме во следната објава.