Секоја сликовница која ќе им ја прочитаме на децата може да биде поттик за отворање на нови хоризонти во детскиот свет. Во потрага сум по сликовници кои на некој начин го допираат секојдневието на децата и семејствата, приказни од кои децата може да направат пралели со нивните животи и од кои може да откријат нешто ново.
„Малиот доктор за цвеќиња“ од Оливие Дупан е една од тие сликовници. Нуди едноставна приказна, инспирирана од секојдневнието во домот. Маја е во нејзиниот дом, се досадува, и решава да си игра криенка со нејзината верверичка Оревка. Тие ја започнуваат криенката во домот, но криејќи се меѓу цвеќињата Оревка забележува нешто – сите цвеќиња се овенати. Тогаш Маја добива идеја, го облекува докторскиот костим со кој често си игра и почнува истражувањето. Зошто цвеќињата се овенати? На кој начин да им помогнат за да се вратат во својата првобитна форма? Низ игра тие откриваат и им помагаат на цвеќињата.
Колку е убаво да се види како децата се дел од секојдневните активности во домот – местење на масата за ручек, средување на алиштата, садовите, грижа за цвеќињата… Тоа е важно за нивниот развој и создавање на навики кои ќе ги доведат до самостојност. Поттикнуавјте ги да бидат одговорни и вклучени во грижата за домот, а преку „Малиот доктор за цвеќиња“ ќе научат и на кој начин да се грижат за растенијата во домот.
„Малиот доктор за цвеќиња“ е дел од серијалот кој ги вклучува „Малиот доктор за деца“, „Малиот доктор за играчки“ и „Малиот доктор за миленици“ од Оливие Дупан и илустрации на Тања де Брито, во издание на Просветно Дело.