Читањето – начин за развој на критичко размислување

Mногумина велат дека критичкото размислување ќе биде една од клучните вештини кои на денешните деца ќе им користат во иднината, која патем речено, ќе биде обележана со развојот на вештачката интелигенција. Во овој денешен свет, но и во оној на иднината, децата ќе треба да знаат да размислуваат, а не да знаат да листаат податоци научени напамет.

Тие ќе бидат мислителите на новото време. Оние кои ќе знаат да ги решаваат проблемите, да им наоѓаат смисла на информациите, ќе можат да споредуваат, да даваат заклучоци и да прават контраст. Способноста за критичко размислување ги учи децата самостојно да размислуваат и не секогаш да го земаат туѓото мислење како вистинито. Тоа е вештина која ја зголемува самодовербата кај децата и им помага да созреат во возрасни кои ќе бидат успешни во она што ќе го работат.

Децата под 12 годишна возраст се’ уште не се во состојба да резонираат или да рофмулираат детални аргументи, но во предучилишната возраст и во раните училишни денови може да се создаде основата и овие концепти на критичкото размислување да останат врежани во умовите на децата.

На кој начин може да се поттикне детето да почнне да размислува критички на оваа возраст? Со изложување на различни перспективи, прашања, различни идеи за една тема, со разговор со родителите и згрижувачите. Исто така со различни видови на активности во кои детето ќе биде поттикнувано да го развива критичкото размислување.

И во овој случај – читањето е една од тие активности. Читајте им на децата разни видови на сликовници и книги. Бидете присутни додека им читате и забележете кога е вистинскиот момент да го сопрете читањето и да зборувате со детето за приказната. Забележете дали ве разбрало. Доколку не, почнете да зборувате за тоа. Прашувајте. Поттикнувајте го детето само да дојде до одговорот. Изложувајте го детето на различни приказни, ликови, ситуации – така ќе имате можност да ги поттикнете децата да поставуваат прашања, да даваат одговори, да смислуваат за свои варијанти на приказната.