„Три мачки, една желба“ од Сара Шахинканат, (издание на Прозарт) е една од првите омилени сликовници на мојот син. Со приказната за трите другари Пити Пати и Пус поминавме неколку фази – од именување на сликите во сликовницата, потоа читање со поедноставување на приказната и еве во моментов читање на целата приказна, со активно слушање и поставување прашања. А за тоа сведочи и изгледот на сликовницата – повеќето страници се искинати, па залепени со селотејп 🙂
Ноќ е. Ѕвездите и месечината блескаат силно, а трите мачки, другарчињата, Пити, Пати и Пус си лежат на покривот од некоја зграда и си разговараат. Одеднаш Пус покажува кон ѕвездите и им вели на своите другарчиња дека оној кој ќе види ѕвезда што паѓа и си посака нешто, желбата ќе му биде исполнета. Пити се „опседнува“ со оваа идеја и деноноќно чека ѕвезда што паѓа, но залудно. Другарите решаваат да му помогнат! Како? На многу креативен и забавен начин. Мисијата ќе заврши успешно, Пити е пресреќен, на глас ја кажува желбата која сака да му се оствари. Но другарите се прашуваат дали ја донеле вистинската одлука? И во тој момент на небото забележуваат ѕвезда што паѓа…
Оваа сликовница не не остава рамнодушни ниту нас возрасните. Приказната за трите другарчиња Пити, Пати и Пус е прекрасен пример за другарство и емпатија. Самата атмосфера на гледање на ѕвезденото небо и исчекувањето на ѕвездата што паѓа создаваат една магична атмосфера. Желбата пријателите да останат пријатели засекогаш, е нешто што допира до длабочините на детската душа. Првите пријателства кои децата ги создаваат се обележани со искрено и длабоко чувство на посветеност. Исто така и леснотијата со која тие преземаат иницијатива да му помогнат на другарот е одличен пример за оние мали нешта кои треба да ги правиме пријателствата да се негуваат и да растат.
Додека му ја читате оваа сликовница на детето разговарајте на темата другарство. Поттикнете го детето да зборува за своите најдобри другарчиња, прашувајте го што е она што сакаат да го прават заедно. Можеби и за тоа на кој начин им покажуваат на другарчињата дека им се важни…
Магичните илустрации на Ајше Инан Алиџан го отсликуваат целиот амбиент на приказната.