„Дрвото“ од Бардур Оскарсон е една од сликовниците кои ги купивме на овогодинешниот Саем на книгата. Низ шаренилото од безброј сликовници на штандовите на саемот, со својата едноставна корица на која се наоѓа едноставна илустрација која потсетува на детски цртеж, од прв поглед ни остана незабележана. Денес децата се бомбардирани од бои и стимулси и забележувам како е тешко да им е пренасочи вниманието кон нешто едноставно и минималистички. Но тоа е тема за друг пост.
Она што оваа сликовница ја прави поинаква и привлечна е етичкото прашање и животната поука кои се прикажани на едноставен и за децата близок начин. Боб е зајак кој никогаш не бил подалеку од едно дрвце, а Хилберт е куче, негов пријател, кој кога дознава за ова, му вели дека тој бил позади тоа дрво, а и многу подалеку, низ целиот свет. Боб е фасциниран но во исто време и не му се верува што слуша. Хилберт продолжува со своите фалби, велејќи му дури и дека има крилја… на Боб сето ова му звучи толку неверојатно и почнува да се сомнева во својот пријател, барајќи од него да му покаже како тој лета. Што ќе се случи понатаму? Дали тој навистина ќе полета?
Изборот на она што секојдневно го читаме го прави мојот син, па така оваа сликовница ни е секојдневно четиво веќе недела дена. Учиме за лагите, фалбите, лажните пријателства… Приказна која и мене како возрасна ме допира и поттикнува да размислувам за овие прашања. Животните патишта се исполнети со вакви прашања а ние родителите сме тука да ги подготвиме најмалите за нив.
Сликовницата е во издание на ПНВ публикации, а интересен факт е дека оригиналниот јазик на кој е напишана оваа сликовница е фарски јазик.