Во рамките на фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“ (15-18 мај 2024) имав можност да одржам работилница за деца од предучилишна возраст. На една прекрасна група дечиња им ја читав сликовницата „Три мачки и една желба“ од Сара Шахинканат. Веќе подолго време имам желба да ја пренесам љубовта кон читањето на најмалите, како и да ги информирам родителите за бенефитите од читањето заедно децата. Желбата за одржување на работилници за деца и за родители од ваков тип се’ уште созрева, но ова беше еден убав вовед во нешто што би сакала да продолжи да се развива понатаму.
„Литера“ е прекрасен фестивал за детска литература и илустрација кој шест години години се одржува во Скопје. Фестивалот изобилуваше со работилници, промоции, а се одржа и Саем на детска литература како и изложба на илустрации од познати илустратори од Македонија и Турција. Оваа година земја во фокусот беше Турција. Веднаш кога добив потврда дека можам да ја реализирам работилницата во рамките на фестивалот, знаев која сликовница ќе биде инспирација за работилницата – „Три мачки, една желба“, сликовница која не’ учи за другарство и емпатија. Токму преку активностите кои следеа учевме низ игра како да ги препознаваме потребите на другиот и како да научиме да преземеме иницијатива да помогнеме. Благодарност до организаторите на „Литера“ за можноста да ја реализирам работилницата, како и до сите дечиња и родители кои присуствуваа на работилницата!





