Предучилишниот период е време кога децата започнуваат да ги поставуваат оние егзистенцијални прашања за кои и ние возрасните некогаш немаме одговор, или пак можеби имаме поинакви одговори, песпективи, уверувања, ставови… Од каде сум? Зошто сум тука? Што е вселена? Зошто живееме на планетата земја? Зошто има море, вода, риби, животни? Зошто сите луѓе се различни?
„Тука сме – упатства за живеење на планетата земја“ е сликовница за сите оние дечиња кои се непресушен извор на вакви длабоки прашања. Авторот и илустратор на оваа сликовница, Оливер Џеферс на самиот почеток на оваа сликовница напишал; „На мојот син Харланд. Оваа книга беше напишана во првите два месеци од твојот живот, додека се обидував да дадам смисла на се’, за тебе. Ова се нештата што мислам дека треба да ги знаеш.“ И навистина е така. Сликовницата ја доживеав како илустрирана мини-енциклопедија, патување кое открива многу прашања, напрво за вселената, потоа за планетата Земја, животот на нашата планета, човекот, телото, различните култури, животните, бавните и брзите нешта кои се дел од нашето секојдневие… и се’ што ја чини нашата земја едно посебно место за живот. Ова е само почеток на патувањето и откритијата за светот и животот кои едно мало дете треба да ги знае, па така мислам дека оваа сликовница е одлична за поттикнување на интерес за понатамошни прашања и „истражувања“.
Оваа сликовница ни е една од најактуелните оваа недела, имено мојот син ја доби подарок за неговиот четврти роденден и мислам дека токму за таа возраст. Додека ја читаме покажува голем интерес и прашањата кои произлегуваат во текот на читањето му отвораат нови хоризонти.