До сега не сум сретнала многу звучни сликовници кои се квалитетни, а во исто време едукативни и забавни. Затоа и не сум голем љубител на звучните сликовници и обично не ги препорачувам. Особено затоа што (барем кај помалите деца) звуците кои се дел од сликовницата го одвлекуваат вниманието од самата содржина и фокусот останува само на звуците.
Но, онаа која би ја издволила од оваа категорија е „Оркестарот на моите пријатели“ од Елисео Гарсија во издание на Просветно Дело. Доколку сакате да го запознаете детето со музичките инструменти и класичната музика, оваа сликовница е одлична алатка за тоа. Преку едноставна приказна за пријателите кои сакаат да формираат оркестар, запознаваме неколку музички инструменти и детето има можност да го слушне нивниот звук. Пријателите формираат оркестар и го свират познатото дело од Штраус „Така зборуваше Заратустра“. На крајот на сликовницата имате можност да проверите дали детето ги запомнило инструмените.
Сликовницата може да се чита и со помали дечиња од 1 и 2 години, во зависност од нивниот интерес.