💫Која е вистинската возраст за да се говори за смртта и минливоста на овој свет? Јас сум се уште во дилема во врска со ова прашање. Психолозите сметаат дека тоа е на 4 или 5 годишна возраст, односно кога детето ќе почне да поставува прашања за оваа тема. Но треба да се знае дека сфаќањето за тоа што навистина значи загубата доаѓа многу многу подоцна.
📚„Срцето и шишето“ од Оливер Џеферс (издание на Либи) и „Сплесканиот зајак“ од Бардур Оскарсон (издание на ПНВ публикации). Кога ги избирав овие две сликовници ми се допадна идејата дека говорат за оваа тематика, за која не е едноставно да им се говори на малите деца.
Во последно време забележувам дека мојот син (4г.) често во своите игри го споменува зборот умирање, а со оглед на тоа дека неговите баба и дедо од едната страна се починати, сметав дека ова е добар начин да навлеземе и во таа тема. Но изгледа малку подранивме, зошто најпрво мене како возрасна ми создадоа нелагодност и тага додека ги читав, но по читањето син ми воопшто не беше подготвен да разговара за тоа како ја разбра приказната. Ги ислуша до крај, но целосно се затвори, па затоа овие две сликовници ги оставаме за малку подоцна.
Како и да е, сметам дека за ова прашање најдобро знаат родителите, тие кои ги познаваат најдобро своите деца. Едноставно мислам дека инстиктивно можеме да почувствуваме кога детето е подготвено и сака да му се зборува за оваа тема за која и ние возрасните не сакаме многу да говориме и стоиме пред безброј неодговорени прашања и една голема тајна.