Моето лично искуство со учење на Монтесори методот

Секој од нас во текот на своето професионално и личносно градење, себеподобрување и созревање се инспирира од одредени личности кои оставиле неизбришлив белег врз развојот на човештвото. На мојот пат, имам повеќе такви личности, меѓу нив е и Марија Монтесори, основачката на Монтесори педагогијата.

Уште во моите студентски денови се сретнав со нејзиното име и нејзината филозофија. Посакав и јас да ги едуцирам најмалите на овој начин, па така пред четири години кога се роди мојот син започнав интензивно да се едуцирам за методот преку онлајн ресурси. Сакав одблиску да дознаам на кој начин размислувала д-р Монтесори и на кои основи го изградила нејзиниот метод, па така ги пронајдов нејзините познати дела „Впивачки ум“, „Тајната на детството“ и „Откривање на детето“. Се фасцинирав од нејзините, за тоа време револуционерни размислувања, од нејзината храброст како жена да ги надгласи тогашните интелектуални умови и да говори за детето, за неговите потреби, за почитување на неговата личност. И така инспирирана и со огромна мотивација започнав да го применувам методот во мојот дом. Но онлајн едукацијата не е доволна за да се разбере и да се научи да се применува методот во целост, па така ја имав таа можност да бидам дел од Воведната обука за Монтесори педагогија која беше реализирана од страна на Македонското Монтесори Здружение. Прекрасно неколкумесечно едукативно искуство, кое ми овозможи да навлезам во длабочините на овој метод. Благодарност до Билјана Стерјадовска Стојчевска и Даниела Саздова за нивната посветеност и отвореност да ги пренесат своите искуства и знаења од областа на Монтесори педагогијата.

И така минувајќи низ моето лично искуство на примена на методот дома, но пред се преку оваа едукација, можам да заклучам дека Монтесори не се само дрвени играчки, Монтесори не е убаво естетски уредена детска соба погодна за фотографирање на Инстаграм, не е ниту дете кое постојано ќе ги прави активностите кои ние ќе му ги подготвуваме… Монтесори е многу повеќе од тоа, тоа е една цела филозофија и поглед на светот и на децата. Воспитанието и едукацијата обележани со Монтесори методот, во домот или во предучилишната установа, треба да започнат од нас возрасните, од родителот, педагогот, воспитувачот… За родителувањето но и за било која улога која има одговорност да работи со деца, потребно е одредено ниво на зрелост, саморефлексија и отвореност кон себепромена. A таа промена не доаѓа едноставно, туку со посветеност и свесност.

Фотографијата е преземена од веб страницата на Македонското Монтесори Здружение