Верувам ќе се согласите со мене дека не е едноставно да се исполни времето на децата кои се „заробени“ во градот додека температурите го надминуваат 40 целзиусов степен. Можностите за игра надвор се многу ограничени, а со оглед на тоа и дека времето пред екрани во нашиот случај е сведено на минимум, навистина е предизвик да се преживеат овие жешки денови во градот.
Една од редовните активности во нашето секојдневие е читањето заедно, па во овој период некако одбираме позабавни сликовници кои со задоволство ќе ги читаме неколку пати во текот на денот. Во следните мои рецензии ќе се осврнам токму кон овој тип на „летни“, забавни сликовници кои не’ засмејуваат и ја поттикнуваат фантазијата и креативноста.
„Мила Стела, доста лаеш“ од Тед Форстом и Оса Лукандер во издание на Либи е приказна за еден татко кој се обидува да го заспие своето дете читајќи му приказна за добра ноќ, но тоа станува предизвик, зошто постојано е прекинуван од лаењето на нивното куче Стела. Стела слуша некои непознати звуци кои доаѓаат од другите соби од домот и почнува силно да лае, прекинувајќи ја приказната. Што ли си мисли едно куче кога ќе слушне некој звук кој смета дека претставува опасност? „Ако се верверици? Замисли да донеле багерче и да ископале тунел до кујната? И сега жонглираат со нашите садови за мерење и си прават легло во тостерот?“. „Мила Стела, доста лаеш“ – таткото го прекинува лаењето на Стела и оди да провери што се случува. А што навистина се случувало…
Како што споменав во една моја претходна објава, во оваа фаза во која се наоѓаат моите две деца не е возможно секогаш да читам иста сликовница заедно со двајцата, но оваа сликовница со задоволство ја читам на двете деца (4г и 15м).
Токму затоа сметам дека „Мила Стела, доста лаеш“ може да се чита и на многу помали деца веќе над 1 година, а и да им биде забавна и на деца од предучилишна возраст.
#сликовници #сликовницинамакедонски #читамезаедно #повеќечитањепомалкуекрани #рандетскиразвој